Македонија
 

15 златни правила за правилно воспитување

Mother having discussion with son

Познатиот руски психолог и психотерапевт Јулија Борисовна, авторка е на бројни книги за родителство, а своевремено била и професорка по општа психологија на познатиот Ломоносов универзитет во Москва. Ова се нејзините 15 златни правила за воспитување на децата, кои треба родителите да ги почитуваат: 

1. Прифатете го детето безусловно – тоа не значи да го сакате затоа што е убаво, паметно, снаодливо, одличен ученик, им помага на другите и тн. – туку да го сакате само затоа што постои.

2. Не се мешајте во тоа што го прави, ако не ви бара помош – со тоа му порачувате „Со тебе сè е во ред. Секако дека ќе се снајдеш“.

3. Ако на детето му е тешко и подготвено е да ја прифати вашата помош, задолжително помогнете му. При тоа на себе преземете го само тоа што не може самостојно да го заврши, а остатокот препуштете му го нему. Како што ќе совладува нови нешта, така постепено препуштајте му сè повеќе обврски за да ги заврши самостојно.

4. Детето утре ќе го прави самостојно тоа што денес го правеше со мама и тоа баш затоа што го правеше со нејзина помош. Количината на тоа што сте го правеле „заедно“, станува златна резерва за детето, неговиот потенцијал за блиска иднина.

5. Полека но сигурно симнете ја од себе грижата и обврските за личните работи на детето и препуштете му ги нему.

6. Личноста и способностите на детето се развиваат само во онаа област која самото ја избрало, бидејќи баш тоа го сака и токму тоа го интересира.

7. Не постои ситуација во која детето се удира. Да, точно е дека во минатото децата биле тепани, но тоа било друго време.

8. Можете да изразувате незадоволство поради некои постапки на детето, но не поради него лично. Можете да ги осудите постапките, но не и неговите чувства колку и да се непожелни или недозволиви. Незадоволството со постапките на детето, не смее да биде систематско, инаку се претвора во непријатно чувство.

9. Прегрнувајте го детето повеќе пати во текот на денот – четири прегратки се неопходни за основно преживување, а за убаво расположение потребни се најмалку осум прегратки дневно! И не само за децата, туку и за возрасните.

10. Осмислете неколку работи со детето или семејени акции, кои ќе создадат зона на радоста. Нешто од тоа нека стане „ритуал“, нека детето го исчекува, знаејќи дека сигурно ќе дојде, ако не направи нешто лошо. Откажете ги само ако детето навистина „направило прекршок“.

11. Најдобрата казна за детето е да го лишите од нешто убаво, а не да му направите нешто лошо.

12. Децата имаат голема потреба да се движат, да ги истражуваат предметите, да си ја тестираат силата. Да им забраните нешто такво е како да преградите надојдена река. Подобро е да се погрижите текот да биде пријатен, а коритото безбедно.

13. Не само што децатаа имаат потреба од ред и правила на однесување, туку ги сакаат и очекуваат. Така полесно го разбираат животот и се снаоѓаат во него, а тоа им дава чувство на сигурност.

14. На детето му е мило кога ги разбираме неговите потреби. Една од најважните е да го истражува светот и собира впечатоци. Детето ги истражува своите можности и полека ги поместува границите- кога е мало сака да се искачи на дрво, кога ќе потпорасне сака да побегне со другарите во туѓ двор, потоа да се врати дома подоцна од вообичаено. Многу работи зависат од тоа како се однесуваат родителите. Лекциите и забраните се немоќни.

15. Сè што сакате да промените кај детето, прво треба внимателно да проверите дали е токму тоа што би било добро да го промените кај себе. На пример, вашиот педагошки ентузијазам. Веројатно е подобро да го насочите кон себеси.