Македонија
 

Читајте му книги на бебето

_URB1617_tmb
Никогаш не е прерано да започнете со читање. Бебињата го препознаваат гласот на мајката уште додека се во стомакот, па слободно можете уште во овој период да почнете да го вежбате читањето на глас.

А кога ќе се роди, тоа треба да ви стане редовна рутина. Вашето бебе нема да разбере ниту еден збор, но слушајќи го вашиот глас се стимулира неговиот интерес за звуци и му помага да се развие способноста за слушање.
Плус, без разлика на неговата возраст, додека читате заедно тоа е одлична можност за многу нежности – прегратки, галење, создавање здрава меѓусебна врска. На овој начин ќе му помогнете на детето да сфати дека читањето е една корисна активност која мора да ја практикува секој ден, а воедно на книгите ќе гледа како посебен вид забава.

Зошто читањето е добро за бебето
Читајќи му на бебето му помагате да го збогатува речникот, да ја развива имагинацијата и комуникациските способности. Колку повеќе му зборувате од најрана возраст, толку повеќе ќе напредува во развојот. Коментирање на околината додека се шетате, именување на деловите од телото, како и читањето, се активности кои ја зголемуваат вербалната интеракција со бебето. Додека му читате го запознавате со концептот на приказни, бројки, букви, бои и форми и на тој начин го запознавате со светот колу него. Исто така му ја развивате меморијата и вокабуларните вештини. Со тек на време како ќе расте бебето ќе ги научи сите звуци кои му се потребни да го зборува мајчиниот јазик. Колку повеќе зборови слуша толку побрзо ќе почне да зборува.

Што да читате
Првите месеци од животот бебето додека ве слуша како зборувате, го учи ритамот на јазикот, наместо неговата содржина. За да му биде интересно менувајте ја бојата на гласот, користете различни гласови за различните ликови од книгите. Но, кога станува збор за материјалот кој е погоден за читање, тоа може да биде се – од детски книги до списанија, дури и романот кој вие го читате. Бебето исто така ќе се фасцинира од слики во светли бои со јасен контраст, така што набавете детски книги со многу слики, форми и сл.
Најважно е дека бебето ќе прави конекција меѓу нештата ки ги сака најмногу- вашата близина и глас и книгите. Ова ќе му покаже дека читањето е прекрасна активност во која може да ужива.

Кои книги се добри за повозрасни бебиња
Дозволете му на детето да избере. Тоа најверојатно ќе најде неколку кои ќе му бидат омилени и секогаш со радост ќе ги читате заедно. Книгите со колоритни цртежи и интересни фрази се одлични да го задржат неговиот интерес. Некои деца сакаат книги со фотографии, додека други сакаат книги кои вклучуваат разни активности – откривање слики под мали прозорчиња на пример. Исто така може вашето бебе да ужива ако му читате песни со рима, бидејќи лесно се помнат и ќе можете во текот на денот заедно да ги пеете. По некое време слободно земете нова книга, во која повторно заедно ќе уживате. Не бирајте ништо премногу скапо, бебињата сакаат се‘ да ставаат во уста и да кинат, така што книгите со тврди страници се одлични за нив.

Дали да учиме букви и звуци?

Додека му читате на мало дете, фокусирајте се на уживањето, а не на учењето букви и звуци. Ако сте упорни во тоа, тогаш читањето ќе се претвори во напорна активност. Ако му читате доволно на детето, тоа кога ќе биде подготвено ќе почне да прави конекција меѓу звуците од зборовите и буквите на страните. Во меѓувреме учете го дека читањето е задоволство.
Интеракцијата со вас е најважното нешто кое се постигнува во моментот на читање. Исто така му помагате да создаде конекција меѓу приказните и реалниот живот. На пример ако во книгата се зборува за жолта топка, вие покажете му ја неговата црвена топка со која сака да игра и прашајте го „Дали повеќе ја сакаш жолтата или црвената топка?“. Потоа одговорете му: „Мислам дека повеќе ти се допаѓа црвената бидејќи со нејзе можеш да си играш!“.
И кога најмалку очекувате, детето ќе почне да ве изненадува со свои одговори.