Македонија
 

Помогнете му на детето да учи

HDE_Spain_Photoshoot_Kids_31-03-2017_202

Истражувањата покажуваат дека денешните деца побрзо мислат, пократко се концентрирани, импулсивни се и понапредни, па потребна им е помош при учењето, особено во првите одделенија

Учењето е процес, кој освен што на детето му дава нови знаења, му овозможува проширување на видиците, усовршување на менталното однесување, го дополнува воспитувањето, ја развива моториката и разни други вештини.
Сепак и тоа мора да се научи и совлада, односно на детето му се потребни насоки и ваша помош, за да научи како да учи. Постојат безброј начини одредени лекции да се совладаат, а кој ќе го изберете за вашето дете, зависи од неговата личност, навики, способности, интереси…

Но, без разлика на разликите психолозите советуваат детето секогаш да учи на истото место, по можност да има одвоен простор, како и секогаш да учи во исто време. Во зависност од возраста, детето треба да учи ид 30-60 минути, а потоа да направи пауза од 5-10 минути. Лесните задачи и лекции треба да се совладаат во целина, а потешките да се поделат на етапи.
Некои деца се визуелни типови и полесно учат кога го потцртуваат текстот. Напишаниот текст го памтат така што го „имаат пред очи“, па го знаат распоредот на зборови и букви. Едно од златните правила на учењето е лекциите да се поврзуваат логички, односно да не се учат на памет. Така совладаниот материјал подолго се памети и може логички да се поврзе со она што во иднина се учи, додека лекциите научени на памет немаат цел, освен репродукција на следниот час.

Исто така детето треба да се преслушува на глас, бидејќи бројните истражувања покажуваат дека многу полесно и потрајно го помниме тоа што го изговараме. Кога само читаме некој текст, ќе го запомниме, но потешко ќе го репродуцираме и пократко ќе се сеќаваме на него.

Во процесот на учење, преслушувањето има важна улога, бидејќи читањето без преслушување создава лажна слика за тоа колку сме запомниле. Психолозите советуваат освен овие стандардни техники детето да го научите пред да почне да учи да си постави цел да го запомни тоа што го чита. Доколку ви се чини дека тоа е логично нешто кое не треба посебно да се нагласува, не сте во право. Истражувањата докажуваат дека многу полесно се помни она што сакаме да го запомниме, односно полесно совладуваме нови знаења, кога си ги поставуваме како цел.

Исто така, научно е докажано дека кога ќе се постави цел дека текстот треба да се научи, потребни се помалку пати да се прочита. Ставот кон материјалот кој треба да се научи од најголемо значење е за успех при учењето. Поради тоа психолозите советуваат да не ги форсирате децата и да не им ги наметнувате своите амбиции, бидејќи ако создадат отпор кон одреден предмет многу тешко ќе се ослободат од него.
Асоцијалната констатација е уште еден фактор кој го олеснува процесот на учење. Тоа практично значи дека се користат претходно научени знаења за да се совладаат нови. Тоа особено помага при учење странски јазици. Истражувањата покажуваат дека денешните деца побрзо мислат, пократко се концентрирани, импулсивни се и со поголеми барања. Затоа научниците советуваат да му помогнете на детето околу учењето, особено во првите одделенија. Разговајте со детето за материјалот, направете таква атмосфера секогаш да може да ве праша кога нешто не му е јасно. Децата побрзо учат низ разговор, а наученото останува долго во меморија. Родителите кои им помагаат на децата, разговараат и го читаат материјалот со нив, подоцна имаат многу подобар однос, бидејќи децата добиваат порака дека можат да им се обратат на родителите и кога темите за разговор не се во врска со школо и учење.

Сепак бидете внимателни, тоа не значи да ги читате книгите наместо детето или да му ги пишувате домашните задачи, само затоа што сте процениле дека лекциите му се претешки, или станува збор за материјал кој никогаш нема да му треба во животот. Можеби сте во право, бидејќи голем број информации кои детето мора да ги научи нема да му требаат. Но, ќе го научите да стекне работни навики и да го усвои правилото дека обврските во животот мора да се усовршуваат, ќе му се развиваат вештините, концентрацијата, моториката…. и запомнете, оцените не се најважни.