Македонија
 

Како децата учат јазик?

Учењето јазик е природен процес. Бебињата се родени со способноста да научат јазик, а тоа учење започнува од самото раѓање. Сите деца, без разлика на кој јазик зборуваат нивните родители, учат јазик на скоро ист начин. Ова учење се состои од три основни фази.

Основни фази на учењето јазик:

Прва фаза – учење гласови

Кога бебињата ќе се родат, тие можат да ги направат и слушнат сите гласови на сите јазици во светот. Тоа се околу 150 гласови од околу 6500 јазици! Сепак, не постои јазик кој користи 150 гласови. Гласовите кои се употребуваат во јазикот се наречени фонеми; македонскиот јазик има 31 глас, а англискиот има 44. Некои јазици имаат повеќе, а некои помалку.

Во оваа фаза, бебињата учат кои фонеми припаѓаат на јазикот којшто го учат, а кои не. Способноста да ги препознаат и да ги произведат тие гласови се вика „фонетска свест“, што е многу важно за децата кои учат да читаат.

Втора фаза – учење зборови

Во оваа фаза децата во суштина учат како гласовите во еден јазик се спојуваат за да создадат значење. На пример, тие учат дека гласовите м, а, м, а се однесуваат за личноста кои ги чува и храни – мама  (во англискиот би било: m, ah, m, ee – mommy). Тоа е многу значаен чекор бидејќи сè што кажуваме всушност е како река од гласови. За да се направи смисла од тие гласови, детето мора да биде способно да препознае каде еден збор завршува, а каде следниот започнува. Тие се наречени „зборовни граници“.

Всушност она што го учат децата не се баш зборови. Она што тие навистина учат се морфеми, кои можат да бидат зборови, но и не мора. Морфемата е само глас или гласови кои имаат значење, како на пример зборот мајка. Од друга страна, мајки има две морфеми: мајка + и.

Децата во оваа фаза можат да препознаат дека –и значи „повеќе од едно“ и знаат дека кога тој глас е додаден на други зборови значи истото – „повеќе од едно“.

baby-word

Трета фаза – учење реченици

За време на оваа фаза, децата учат како да создадат реченици. Тоа значи дека тие можат да ги наредат зборовите во правилен редослед. На пример, тие учат дека на македонски велиме „Јас сакам торта“ и „Јас сакам чоколадна торта“, но не „Сакам јас торта“ или „Јас сакам торта чоколадна“ (на англиски би било:  “I want a cake” и “I want a chocolate cake,” но не “Want I a cake” или “I want cake chocolate.”)

Децата исто така ја учат разликата помеѓу граматичката точност и значењето. Ноам Чомски напишал пример за ваквата разлика: „Безбојните зелени идеи спијат бесно.“ Децата ќе знаат дека иако реченицата е граматички точна, таа е сосема бесмислена. Тие знаат дека зелена е боја па затоа не може да биде безбојна!

Развој на јазикот

 Јазикот се развива во различни степени кај различни деца, но повеќето деца го следат овој тек.

Раѓање – кога бебињата ќе се родат, тие веќе можат да реагираат на ритамот на јазикот. Тие можат да препознаат акцент, ритам, зголемување и намалување на интензитетот на гласот.

6 месеци – дури и на четири месеци, бебињата можат да направат разлика помеѓу јазични гласови и други звуци, како на пример разликата помеѓу изговорен збор и ракоплескање. На шест месеци, бебињата веќе започнале да гугаат и ова е првиот знак дека бебето учи јазик. Бебињата сега се способни да ги направат сите звуци на сите јазици на светот, но со тек на време до својата прва година тие ќе ги изостават сите гласови кои не се дел од нивниот јазик кои го изучуваат.

8 месеци – Сега бебињата можат да препознаат групи на гласови и можат да направат разлика помеѓу една група на гласови од друга. Тие знаат каде една група завршува, а каде друга започнува. Ова значи препознавање на зборовните граници. Иако тие ги препознаваат овие гласовни групи како зборови, сепак тие не знаат што тие зборови значат.

12 месеци – Во овој период, децата се способни да му дадат значење на зборовите, и веднаш штом тоа го направат, тие можат да го градат својот речник. Тие почнуваат да ги имитираат новите зборови што ги слушаат и веќе на една година ти знаат околу 50 зборови.

18 месеци – За да можат да комуницираат, децата мора да знаат како да ги употребат зборовите кои ги учат. Во оваа фаза на јазичниот развој, децата се способни да направат разлика помеѓу именки и глаголи. Најчесто првите зборови на децата се именки.

24 месеци – Во оваа фаза, децата почнуваат да препознаваат повеќе од именки и глаголи и да ги разберат основните реченични структури. На пример, тие знаат да користат заменки и да го знаат точниот редослед на зборовите во реченицата и можат да создадат прости реченици како: „Мене торта?“ (кое би значело: „Може ли да ми дадеш торта?“).

30-36 месеци – До третата година, околу 90% од она што децата го зборуваат е граматички точно. Грешките кои тие обично ги прават се како додавање наставки на неправилни глаголи. На пример, тие можно е да речат „Јас бешов надвор“ наместо „Јас бев надвор“ (мешање на јас бев и ти беше). Тие го научиле граматичкото правило како се  формираат глаголите во минато време, но во случајов не ги научиле исклучоците на тоа правило (тука глаголот сум се менува во јас бев, ти беше, тој/таа/тоа беше, ние бевме, вие бевте, тие беа). На англиски тоа би се воочило кај неправилните глаголи – детето знае дека минато време се прави со додавање ed на глаголот, но би направило реченица како “I fаlled down” наместо “I fell down.”

Понатамошен развој на јазикот и надарени деца

 Децата продолжуваат да го прошируваат речникот и да развиваат посложен јазик. Нивниот јазик не наликува целосно како јазикот на возрасните се додека не наполнат 11 години. Тоа е тогаш кога децата се способни да користат иако реченици. Тоа се допусните реченици: „Иако човекот беше уморен, тој продолжи да работи.“ Децата најверојатно би рекле: „Човекот беше уморен, но тој продолжи да работи.“

Вербално надарените деца често брзо ги поминуваат овие фази за разлика од други деца. Некои одат толку брзо низ овие фази што доста пропуштаат. Не е чудно за надарено дете прво да гуга, а потоа ништо да не прави. До првата година тие не имиритаат зборови, а на втората година тие не ни употребуваат прости реченици. Тие можат да кажуваат „ма-ма“ или “та-то“ и уште неколку други зборови, но ништо повеќе. И потоа наеднаш, на 26 месеци детето почнува да зборува со сосема граматички точни реченици исто како тригодишно дете. Други вербално надарени деца можат да користат реченици како „Мене торта“ на една годишна возраст, а пак некои шестгодишни деца да употребуваат реченици како “Јас си ја сакам бабичка иако таа не знае како да работи на компјутер.“

Напредниот јазичен развој на надарените деца може да биде една од причините за тоа како некои од нив се способни да учат како се чита пред да наполнат пет, па дури и пред да наполнат три години.

Линк оригиналниот текст: https://www.verywell.com/how-do-children-learn-language-1449116

Превод и обработка: Ангела Симиџиоска – Хелен Дорон учител