fbpx
 
 
Македонија
 

Едукативен семеен пикник

Љубовта кон природата е прекрасно и возвишено чувство кое нè прави да се чувствуваме радосни, исполнети, релаксирани и задоволни од себе си. Исто така и многу поздрави. Без разлика дали сте одлучиле да возите велосипед, да одите на пикник во парк или заедничка семејна прошетка, секогаш можете да го искористите времето заедно со децата да научите нешто ново и интересно за природата.

Еве неколку идеи:

  • Набљудувајте ги птиците. Додека се шетате низ природа, застанете и слушнете ги птиците. Поттикнете го детето да се вклучи во играта. Искористете го мобилниот телефон, најдете фотографии од некои птици карактеристични за нашето поднебје и обидете се да ги пронајдете во природа, па потоа прочитајте за нејзе интересни факти.
  • Играјте „Лов на скриено богатство“ – на еден лист нацртајте неколку работи кои можат да се најдат во природата – цвеќиња, бубамари, пеперутки, каменчиња….. и тргнете во „лов“. Тој што прв ќе ги најде е победник. Поттикнете ги децата да ги препознаваат цвеќињата, бубачките…. а за тоа што не го знаат, вие објаснете им.
  • Ако сте покрај река или езеро, дискутирајте за езерата и реките во Македонија.
  • Бидете креативни – на листови хартија испечатете животни – мечка, овца, птица, бубамара …. потоа со ножички исечете го внатрешниот дел од телото (по контурите), освен главата и нозете. Кога ќе отидете во природа, земете една слика и приближете ја до трева, дрво, вода…. така што ќе ја исполни внатрешноста од сликата и ќе го добиете телото на животното. Дискутирајте за боите, текстурите….
  • Учете броеви – понесете со себе од дома штипки, капачиња од шишиња, лего коцки и сл. Или соберете каменчиња, лисја, плодови …. Формирајте множества по боја, форма, големина. Поттикнете го детето да изброи во секое множество колку предмети има. Потоа учете кој број е поголем а кој помал.

И на крај, не заборавајте ја најважната лекција од сите – за екологијата и чувањето на природата. Пред заминување проверете дали сте ги собрале отпадоците кои ви останеле од храна, игри и сл., и фрлете ги во контејнер. Со својот пример покажете им на децата како се чува природата.